Во издвоен објект со посебен влез на Здравствениот дом во Свети Николе, од денес профункционира мобилниот пункт на ЦЈЗ Велес за земање на контролни тестови на лица позитивни на Ковид-19 кои го поминале периодот на изолација од општините Свети Николе и Лозово. По завршувањето на контролните тестови на сите овие лица, за во иднина се планира да биде и пункт за земање на брисеви за новите сомнителни случаи од можна зараза со вирусот.  

        Отварањето на мобилиот пункт е од повеќекратно значење. Досега заболените граѓани од Ковид-19 од општините Свети Николе и Лозово беа принудени да одат за земање на контролни брисеви во соседните градови, во ЦЈЗ во Велес или во ЦЈЗ Штип. Во најголем дел овие позитивни лица неможеа да најдат приватни возила, па единствениот превоз на околу двеста заразени лица им беше едно санитетско возило за оваа намена на Здравствениот дом во Свети Николе, што и физички беше невозможно да ги превезе. Исто така, овие лица се задржувани повеќе од предвидените денови во изолација, поради неможноста да ги извршат двата контролни теста во соседните градови за да добијат статус на оздравени за да можат слободно се движат. Со отварањето на мобилниот пункт граѓаните нема да бидат изложени на трошоци за плаќање на превоз за вршење на двата контролни теста, а исто така нема потреба да чекаат долго за да закажат термини за тестирање во соседните центри за јавно здравје.

        Отварањето на мобилниот пункт за земање на брисеви е по барање на Општинскиот кризен штаб Свети Николе во кој учествуваат претставници и од РЦУК Свети Николе, а е одобрено од страна на Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, во соработка и координација со претставникот од ЦУК во комисијата.

        Во регионот на РЦУК Свети Николе кои ги покрива општините Свети Николе и Лозово заклучно со вчерашниот ден се евидентирани 192 активни случаи на вирусот од вкупно 220 заразени лица, со што овој регион е на второ место во државата со највисока кумулативна инциденца на 100.000 жители.