Седиште : Град Скопје, бул. Илинден бб, ( во кругот на Градско собрание, објект бр.5. )
Населени места : Центар, Капиштец, Пролет, Буњаковец, Маџир Маало, Дебар Маало, Ново Маало, Пајко Маало, Водно, Крњево (Карадак Маало), Парк Маало и Тасино Чешмиче
Општина Центар — општина во состав на градот Скопје и е негова централна општина. Се наоѓа во средишниот и јужниот дел на градот, го опфаќа плоштадот Македонија, двата брега на реката Вардар и дел од планината Водно. Како централна општина на градот Скопје, а воедно и на Република Македонија на нејзината територија се наоѓаат Владата, Собранието, неколку министерства и многу државни заводи, агенции и управи. На територијата на општината се наоѓаат и ректоратот на скопскиот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ заедно со неколку факултети и собранието на град Скопје.
На југ и запад граничи со Општина Карпош, на север со Општина Чаир, а на исток со општините Аеродром и Кисела Вода. Општинско обележје е митолошката птица Феникс, која ја симболизира преродбата на градот по земјотресот во 1963 г.