Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, државниот советник Гордана Наумовска, заедно со членовите на работната група за имплементација на меѓународниот проект “Рано откривање на пожари и нивно движење за превенција и справување со катастрофи eFIDAR”, учествуваа на одбележувањето на 15-годишнина од основањето на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион на Република Северна Македонија, во Струмица. Притоа, Ангелов, покрај честитките за јубилејот на своите долгогодишни партнери во меѓународни проекти од кризниот менаџмент, додели Благодарница на Центарот за развој на југоисточниот плански регион за долгогодишна соработка и поддршка на стратешките цели на Центарот за управување со кризи преку зајакнување на капацитетите на Југоисточниот плански регион за превенција, во областа за рано предупредување и справување со итни и кризни состојби.
Инаку, на пригодната свеченост, во присуство на многу сегашни и бивши функционери и градоначалници, беше резимирана улогата и функцијата на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион којшто опфаќа 10 општини, како и успесите во намалување на регионалниот диспаритет и остварување на рамномерен и одржлив регионален развој, зголемување на конкурентноста на планските региони преку јакнење на нивниот иновациски капацитет, оптимално користење на природното богатство, поддршка на меѓуопштинската и прекуграничната соработка на единиците на локалната самоуправа во функција на поттикнување рамномерен регионален развој и подигнување на квалитетот на живот на сите граѓани во регионот. Покрај основната функција на Центарот за развој на југоисточниот плански регион, давање поддршка општините што ги опфаќа, дава поддршка и на институциите на државата преку заедничка соработка за подобра иднина на населението и регионот преку успешно реализирани проекти.