Вести

Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов и претседателот на мрежата на македонските доброволни противпожарни друштва Кирил Михајлов, од 14 до 16 јануари 2025 година во Дубаи учествуваа на Глобалниот настан за подигнување на јавната свест, превенција, обуки и опрема за противпожарна заштита

На покана на генералниот директор за цивилна одбрана на Дубаи генерал Рашид Тани Рашид Ал Матрош (General Rashid Thani Rashid Al Matroush) и потполковник Др. Иса Ал Мутава (Lt. Colonel Dr. Essa Almutawa) главен офицер за вештачка интелигенција, раководител на глобалните индикатори за инциденти со пожари и директор на Одделот за мониторинг и инспекција во цивилната одбрана во Дубаи, директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов и претседателот на мрежата на македонските доброволни противпожарни друштва Кирил Михајлов, од 14 до 16 јануари 2025 година во Дубаи учествуваа на Глобалниот настан за подигнување на јавната свест, превенција, обуки и опрема за противпожарна заштита.

Под покровителство на Неговото Височество Шеик Мансур бин Мохамед бин Рашид Al Мактум (His Highness Sheikh Mansoor bin Mohammed bin Rashid Al Maktoum), претседавач со Врховниот комитет за управување со кризи и катастрофи на Дубаи, Генералниот директорат за цивилна одбрана на Дубаи ја започнува иницијативата „1 милијарда подготвеност” (“1 Billion Readiness”). Станува збор за најголема глобална иницијатива за превенција на опасност од пожар со глобална програма да се подигне свесноста и да се подготват и обучат една милијарда луѓе во светот во периодот од 2025 до 2027 година.

Оваа иницијатива вклучува 34 земји и 18 големи противпожарни организации, нагласувајќи ја улогата на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) во подобрувањето на безбедносните системи на глобално ниво.

Директорот Ангелов на 14.01.2025 учествуваше на официјалното претставување на иницијативата и проектот „Конвој на надежта” за остварување на целите на иницијативата, со претставници на институции и меѓународни организации од Соединетите Американски Држави, Велика Британија, Австралија, Јапонија, Индија, Јужноафриканската Република и други.

Според експертот генерал потполковник Рашид Тани Ал Матроши (Lieutenant General Expert Rashid Thani Al Matrooshi): „Оваа иницијатива ќе ја подигне глобалната свест за спречување на пожари и важноста на безбедносните процедури преку сеопфатни кампањи за подигање на свеста. Овие напори ќе бидат поддржани од специјализирани дигитални платформи достапни на повеќе јазици низ целиот свет. Дополнително, програмата ќе им обезбеди на учесниците електронски сертификати по завршувањето на обуките, издадени од страна на Глобалниот центар за следење на шумски пожари и Програмата за подготвеност за цивилна одбрана во Дубаи. На локално ниво, иницијативата ќе спроведе широки кампањи за подигање на свеста насочени кон сите сегменти на општеството, вклучувајќи поединци, владини институции, приватен сектор и училишта, за да дојдат до што е можно поширока свесност и знаење.”

Следните два дена (15 и 16 јануари), Ангелов и Михајлов остварија билатерални средби со домаќинот и со други високи претставници и учесници од владиниот и невладиниот сектор а во рамките на програмата имаа можност да се запознаат со најновите достигнувања во опрема, и специфични вештини за противпожарна превенција и заштита со посета на Меѓународниот саем за противпожарна опрема, посета на Главниот команден и оперативен центар во Дубаи, Противпожарна станица како и посета на мобилна пловечка противпожарна станица со демонстрација на нејзината моќност како единствена во свет, пловечка противпожарна платформа.

Посебен акцент беше ставен на тренингот на пожарникарите, нивната противпожарна опрема и возила како и користењето на најсофистицирана опрема за следење, координација и справување со пожарите во Дубаи.

Домаќините изразија подготвеност да помогнат на Македонија во опремување со модерна противпожарна опрема.

Поврзани објави

Одржана 51 седница на Регионалниот штаб за управување со кризи Кичево

Cuk Editor

Состанок во ЦУК на Националното координативно тело за имплементација на барањата на НАТО

Cuk Editor

Land Rover Defender Hard Top N1 на помош во Центарот за управување со кризи

Cuk Editor

Оваа веб-локација користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Претпоставуваме дека тоа е во ред за Вас, но можете да се откажете ако сакате. Прифати Прочитај повеќе