Денескa со доделување благодарници и пригодни подароци од страна на директорот, Стојанче Ангелов на високите претставници од Агенцијата за меѓународна соработка на Јапонија (ЈИЦА – JICA), како и на експертите од проектниот тим на „Еко-ДРР“ проектот во просториите на Центарот за управување со кризи се реализираше Седмиот и истовремено завршен состанок на Заедничкиот координативен комитет (ЗКК) на Проектот за градење на капацитети за екосистемски-базирани решенија за намалување на ризици од катастрофи („Еко-ДРР“) што се имплементира со поддршка на ЈИЦА.
На состанокот беа присутни г-дин Јокои Кенто и Хироши Наката од главната дирекција на ЈИЦА за Балканот, претставник од канцеларијата за Балканот, од амбасадата на Јапонија во Скопје, експерти на „Еко-ДРР“ проект и претставници од националните институции, кои беа вклучени во проектот.
Од страна на Главниот советник на проектот, г-дин Тору Инада, бидејќи ова беше завршен состанок, беа презинтирани постигнатите резултати од проектот, потоа беше отворена дискусија во врска со научените лекции и препораките во однос на одржливоста на „Еко-ДРР“ концептот во Република Северна Македонија. Во завршните дискусии на состанокот, од двете страни беа високо оценети постигнатите резултати и беше нагласено обостраното задоволство од заедничката соработка на овој проект, како и на проектите во изминатите години. Посебно беше истакната улогата и придонесот на ЦУК во проширувањето на соработката на ЈИЦА со земјите од Западен Балкан.
Инаку, Заедничкиот координативен комитет претставува највисоко заедничко тело на проектот во кое членуваат претставници од сите вклучени институции во проектот и преку него се остварува целосна координација со проектните активности. На редовна основа се одржува состанок еднаш годишно, при што се прегледуваат постигнатите резултати во тековната година и се усвојува планот на активности за наредната година. Во работата на ова тело, покрај Центар за управување со кризи, учествуваат номинирани претставници од: Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Јавно претпријатие Национални шуми, Секретаријат за Европски прашања, ЈИЦА – од главната дирекција во Токио, од Канцеларија за Балканот од Белград и од канцеларијата во Скопје, Амбасадата на Јапонија во Скопје, експерти на „Еко-ДРР“ проектот и други учесници согласно тековните проектни активности.
Имено, овој проект беше започнат во декември 2017 година и според иницијалната временска рамка требаше да заврши минатата година, но заради околностите од глобалната „ковид-19“ пандемија времетраењето на проектот беше продолжено и истиот официјално ќе заврши во декемви оваа година.